Претседателот на Наполи Аурелио Де Лаурентис нема намера да им прости на оние што го водат бунтот против него. Според италијанските медиуми седуммина ќе бидат ставени на трансфер листата, а неизвесна е и судбината на тренерот Карло Анчелоти.
Репрезентативната пауза привидно го врати мирот во Наполи, по се она што се случуваше во изминатите седум-осум дена.
Многумина тврдат дека бунтот против Де Лаурентис го означува крајот на една извонредна генерација, која за жал немаше среќа да се закити и со титулата во Серија А.
Првиот човек на клубот планира во јануари да ја започне смената на генерации, а први за „отстрел“ ќе бидат сенаторите, оние кои се означени како водачи на бунтот.
Најпрвин Де Лаурентис планира да ги казни сите парично, односно ќе им одземе и до 25 отсто од годишните приходи.
На трансфер-листата наводно имало седум имиња. Први што треба да заминат се Дрис Мертенс и Хозе Калјехон. Наполи планира да ги продаде во Кина, но прашање е дали Мертенс ќе се согласи кога знае дека Интер покажале интерес за него и дека во јуни како слободен играч може да го напушти клубот.
Со една нога надвор од клубот бил и Алан, кој тешко го навредил синот на претседателот, а покрај него ќе бидат продадеи бековите Хисај и Гулам. На листата за продавање ќе се најде и клупската икона Лоренцо Инсиње.
Исто така Де Лаурентис ќе го стави на трансфер-листата и Калиду Кулибали. Понуда од околу 100 милиони евра ќе го натера претседателот да се откаже од услугите на Сенегалецот.
Од друга страна судбината на тренерот Анчелоти зависи од Лигата на шампините. Доколку Наполи се пласира во осмина-финалето тој ќе го одработи договорот што му истекува на крајот од сезоната, во спротивно ќе добие отказ.