Ханси Флик оствари две победи во првите два негои меча на кормилото на Баерн Минхен откако седна на столчето на Нико Ковач. Баерн најпрво со 2-0 го совлада Олимпијакос во ЛШ, а потоа во големото германско дерби, Баварците со 4-0 ја прегазија Борусија Дортмунд.
Во последно време многу шпекулации се појавија за тоа кој ќе седна на кормилото на Баерн како долгорочно решение, но сите гласини ги прекина Карл-Хајнц Румениге веднаш по победата на „Der Klassiker“.
„Не е одредено до кога Флик ќе биде на клупата на Баерн. Рече пред мечот со Дортмунд дека засега само 2 меча се целта. Би рекол дека ја помина целната рамнина и тоа во грандиозен стил. Сега во мир можеме да продолжиме со него“ – рече Румениге за „Билд“.
Екипата одлично игра по заминувањето на Ковач од „Алијанц Арена“, а Румениге е фасциниран од атмосферата и од навивачите кои уживаат во моментот.
„Многу сме задоволни како се презентиравме со Борусија. Можевте да ја видите публиката, добро се забавуваа и заслужено им дадоа овации на играчите“ – додаде тој.
Румениге истакнува дека не би било погрешно доколку се заклучи дека Флик ќе биде на клупата на Баерн и на следниот бундеслигашки меч, со Фортуна Диселдорф, по репрезентативната пауза.