ЛА Лејкерс изминатата ноќ ги повлекоа од употреба броевите 8 и 24 кои во 20-годишната кариера ги носеше Коби Брајант, легендата на една од најславните НБА франшизи.
„Ве сакам“, рекол Брајант, а потоа како во финалето кога постигна 60 поени дополни „Mamba out“ и го остави микрофонот.
Меџик Џонсон и Џери Бас му прочитаа писма во име на клубот чии дрес го носеше две децении. На церемонијата беше присутен и Шекил О’Нил со кого Коби освои три од своите пет титули во НБА лигата, а во „Стејплс центарот“ беше и еден од неговите најголеми ривали Алан Ајверсон.
За дресовите кои клубот ги повлече од употреба Коби рекол дека тие се негова инспирација, а потоа го предизвикал актуелниот состав да ја продолжи славната традиција.
„Доколку работите напорно сништата ќе ви се остварат“, им порачал Коби на помладите колеги.
Коби Брајант или како што го нарекуваа „Црна мамба“ веројатно е играчот кој намнјогу му се доближил на најголемиот на сите времиња, Мајкл Џордан. Тој во некои работи дури и го надмина својот идол.
Во текот на својата кариера освоил пет НБА титули, два пати бил МВП на финалната серија, еднаш МВП на сезоната. Бил учесник на 17 „Ол стар“ натпревари, четири пати бил МВП на „Ол стар“ мечевите, 11 пати е избиран во идеалната петорка на лигата, а девет пати во најдобрата дефанзивна петорка.
Коби Брајант е најдобриот стрелец во историјата на ЛА Лејкерс.
На вечната листа е трет најдобра стрелец со 33.643 поени, пред него се само Карл Мелоун (36.928) и Карум-Абдул Џабар (38.387), а само Вилт Чембрлен (100) има постигнато повеќе поени од него на еден НБА натпревар (81).
Кариерата ја заврши со просек од 25 поени, 5,2 скока, 4,7 асистенции по натпревар. Во НБА лигата одиграл 1.346 натпревари.