Актуелниот светски ракометен шампион во женска конкуренција, селекцијата на Франција не ја помина групата на Светското првенство во Јапонија. Французинките денеска во последното коло од Б групата загубија од Данска со 20-18, па сега ќе разигруваат за пласман од 13. до 16 позиција на Мундијалот.
Главната пречка за денешниот неуспех на Французинките е играта во нападот, со постигнати само 18 гола. Иако светските шампионки предводени од екс-вардарките Лакрабер и Лејно важеа за главни фаворитки за одбрана на титулата, сепак неславно (со 2 победи, 2 порази и 1 нерешена) го завршија настапот во групната фаза. Кај Данките денеска најпрецизна беше Јоргенсен со 7, а во таборот на Франција на нивото беше Лакрабер со 6 гола.
Во оваа група прогрес обезбедија Данска, Германија и како првопласирана – Јужна Кореја.
Во дерби дуелот од групата А, Холандија славеше победа против фаворизираната Норвешка со 30-28. Така Холанѓанките пренесуваат 4 бода во следната фаза.
Во победничката репрезентација прво име денеска беше Абинг со 5 гола, додека кај Норвешка Офтедал мечот го заврши со 9 погодоци.