Поранешниот потпретседател на Милан, Паоло Берлускони вели дека сите во неговото семејство „страдаат“ кога ги следат настапите на нивниот поранешен тим.
Неговиот постар брат, и експремиер на Италија, Силвио Берлускони го продаде клубот во април на кинески инвеститори, но емотивната врска останува.
Милан имаше потпросечен старт на сезоната и покрај трошењето на над 200 милиони евра на засилувања, по што следуваше отказот на тренерот Винченцо Монтела, но и на новиот тренер, Џенаро Гатузо не му тргна подобро.
„Како навивачи, сите страдаме. Откако клубот беше продаден сакав да видам дали нешто ќе се смени, но остана исто. По големата кампања на трансфери имаме помалку поени од минатата година и тим кој не покажа дека е конкурентен. Критиките не треба да се гледаат како на осуда, бидејќи на новите сопственици им е потребно време. Наместо еден голем играч, тимот реши да купи 11 играчи и треба да има успех по оваа година на транзиција. Ми се враќа насмевката на лицето кога ќе помислам дека Милан наскоро ќе се врати на врвот“, вели Паоло Берлускони.