Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) официјално соопшти дека паднала одлуката за местото и за датумот на одигрување на полуфиналниот дуел со селекцијата на Косово во Лигата на нации.
Од ФФМ информираат дека Македонија ќе го дочека Косово на 26. март идната година на нашиот најголем стадион арената „Тодор Проески“ во Скопје. Мечот ќе започне во 20.45 часот.
Ова е одлуката на Управниот одбор на Федерацијата.
„УО на ФФМ донесе одлука натпреварот Македонија – Косово од полуфиналето во Лига на Нации да се одигра на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје. Плеј-оф натпреварот меѓу македонската А репрезентација и селекцијата на Косово се игра на 26. март 2020 година. Со официјален допис, ФФМ ќе ја извести и УЕФА за местото на одигрување на натпреварот. Управниот одбор донесе одлука за исплата на премија од 50.000 илјади евра како парична награда за фудбалерите и стручниот штаб во А репрезентацијата за настапот на македонската А селекција во квалификациите за Европското првенство 2020 година“ – стои меѓудругото во известувањето од ФФМ.
Доколку македонската фудбалска репрезентација излезе како победник од мечот со Косово, тогаш во финалето на Лигата на нации ќе се судри со подобриот од мечот Грузија – Белорусија, на нивни терен.
Подобриот, пак од тој меч, обезбедува пласман на ЕУРО 2020.
Фото:ФФМ