Поранешната гренд слем шампионка, Ким Клајстерс планира да го направи својот одложен камбек на тенисот на Монтереј опен во Мексико во март, повеќе од седум години по нејзината втора пензија.
Клајстерс потврди дека прифатила вајлд-карта за настап на мексиканскиот хардкорт турнир кој почнува на 2 март, по што ќе настапи на Мастерсот во Индијан Велс од 11 март и на турнирот во Чарлстон на земја од 6 април.
Поранешната светска тенисерка број 1, која е членка на Куќата на славните на тенисот по четирите гренд слем титули, прво го најави враќањето во септември, но ги одложи плановите откако во ноември скина лигаменти на десното колено.
„Презадоволна сум од прогресот и беше одлично да се вратам на терените и да играм тенис повторно. Повредата беше мала пречка, но само ми покажа колку сум посветена на враќањето на спортот кој го сакам“, вели Клајстерс.
Според ВТА правилата, како поранешна гренд слем шампионка, таа може да прифати неограничен број на вајлд-карти. 36-годишната Белгијка прво се пензионираше во 2007 за да се ожени и да го има првото од трите деца. Две години подоцна се врати и го освои вториот и третиот трофеј од САД опен и од Австралија опен, пред во 2012 година да се повлече и да работи како ТВ-коментатор.