Top Sport

Рашфорд: Се сеќавам како Роналдо го растури Јунајтед (видео)

Најновата ѕвезда на Манчестер јунајтед, Маркус Рашфорд покажа многу за своите 20 години во последните две сезони на „Олд Трафорд“, и признава дека е инспириран од легендарниот бразилски фудбалер, Роналдо.

Рашфорд го носи дресот на првиот тим од 2015 година, период во кој постигна 14 гола во 61 настап, а овие партии му донесоа и повик за репрезентацијата на Англија, за која веќе има 15 настапи.

„На мојот прв натпревар на ’Олд Трафорд’ играше Роналдо и секогаш ќе се сеќавам на тоа. Се работеше за натпревар во 2003 година кога дојде Реал Мадрид, а Роналдо постигна хет-трик. Имав само четири години. Тој беше омилениот играч на мојот брат и тој секогаш зборуваше за тоа. Затоа израснав гледајќи ги неговите видеа на интернет. Беше спектакуларен“, вели Англичанецот.

Неверојатно, но и бразилската легенда уште минаата година го коментираше растот на Рашфорд и посочи дека тој го потсетува на него во младоста.

„Тој е многу добар млад играч и малку се гледам и себеси во неговиот лик – има храброст, брз е и знае како со топката. Како напаѓач е гладен за голови и мислам дека има неверојатна иднина“, изјави Роналдо во 2016 година.

Scroll to Top