Top Sport

ПЛ: Салах и Мане ги носат „црвените“ далеку напред, кон титулата (видео)

Ливерпул продолжи онаму каде што застана во 2019, кај триумфите. Во новата 2020 година „црвените“ на Јирген Клоп славеа на „Енфилд“ нова 19-та сезонска победа во Премиерлигата против Шефилд Јунајтед со 2-0, на полувреме беше 1-0.

Со новите 3 бода Ливерпул повторно е на +13 пред второпласираниот Лестер и на +14 пред актуелниот шампион, Манчестер Сити („црвените“ имаат меч помалку од конкурентите, заостанатиот со Вест Хем).

Ливерпул вечерва подготви еден куп шанси за погодок пред противничкиот гол, но само две упатени топки го најдоа вистинскиот пат – во мрежата.

Првата, многу рано, уште во 4 минута. Стрелец за 1-0 беше Мохамед Салах, на додавање на брзоногиот Робертсон.

Овој резултат беше непроменет, иако Ливерпул го зголемуваше интензитетот, се до 64 минута кога Садио мане донесе предност од 2-0. Овојпат асистент беше Салах.

Сега Ливерпул го очекува градското дерби против Евертон, но во рамки на ФА Купот.

Scroll to Top