Поранешниот фудбалер на Арсенал, Пол Мерсон признава дека минатата година бил блиску до самоубиство по борбата со депресијата, откако поголемиот дел од неговата кариера беше одбележан со проблеми со алкохолот и со коцкањето. Во колумна за „Дејли стар“, Мерсон открива дека не гледал излез од ситуацијата.
„Не можев да продолжам, бидејќи не гледав избор. Таблетите ми беа во рака, но за среќа не ги испив со водка. Беше страшно. Искрено, не го направив тоа поради моите деца и мојата сопруга и малку од свеста. Кога си во таква ситуација не гледаш начин на кој тоа чувство ќе помине“, пишува Мерсон.
Мерсон вели дека не пие алкохол од 6 јануари 2018 година, кога се пријавил на групите за поддршка на алкохоличарите.
„За мене секогаш тука беше пијачката. Кога ќе почнеш да пиеш, другите работи летаат низ прозорец и не се грижиш за нив. Ниту за самиот себе“, објаснува Мерсон.
51-годишниот Мерсон освои пет трофеи во 12 години со Арсенал, пред да игра и за Мидлзборо, Астон вила, Портсмут и Волсол.