Фудбалерите на Барселона, предводени од најдобриот играч Лионел Меси, го поддржале тренерот Ернесто Валверде по елиминацијата од Суперкупот на Шпанија.
Барселона синоќа во Џеда доживеа пораз од Атлетико Мадрид (2:3). Каталонците имаа водство 2:1 до 81 минута, а потоа играчите на Атлетико за пет минути направија целосен пресврт.
Симпатизерите на Барселона се незадоволни бидејќи нивните миленици од почетокот неколку пати во финишот не успеале да ја сочуваат победата. Поради тоа тренерот Валверде е под голем притисок.
„Нормално е дека луѓето кажуваат разни работи кога не победуваме. Нашите навивачи забележуваат дека екипата не игра онака како што тие сакаат. Сега мораме да бидеме обединети повеќе од било кога. Треба да бидеме силни како група и да ја надминеме оваа ситуација. Ќе се обидеме секогаш да играме како во периодите против Атлетико кога не ги примавме головите. Ќе се обидеме да не правиме детски грешки“, рекол Меси.
Луис Суарез дополнил дека играчите се виновни за поразот од Атлетико.
„Поразот покажа дека мораме да се подобриме. Покажа дека некои грешки повеќе не смееме да ги повториме. Имавме иницијатива, а им овозможивме бројни контри. Но, тука не е виновен тренерот. Грешките ги направивме ние“.
Барселона во наредната рунда во Ла лига ќе игра против Гранада.