Џејми Карагер е воодушевен од политиката на неговиот поранешен клуб, Ливерпул, кој според него не купува фудбалски суперѕвезди, туку има чувство да најде фудбалери како Мохамед Салах, Садио Мане и Енди Робертсон и да ги направи ѕвезди во клубот.
„Црвените“ продолжуваат со својот марш кон прва титула од Премиер лигата по 30 години, откако имаат 20 победи во 21 меч и Карагер вели дека најимпресивен е начинот на кој се водел бизнисот во клубот последните неколку сезони.
„Ливерпул купуваат фудбалери со тие посебни квалитети кои никој не ги забележува. Робертсон дојде од Хал, Вајналдум испадна во втора лига со Њукасл, Салах беше во Челси, Мане беше во Премиер лигата… Не одат да ги купат најдобрите фудбалери, туку ги градат. Јирген Клоп не добива доволно пофалби за неговата работа како тренер во градењето на овие фудбалери. Не купуваат суперѕвезди, туку ги создаваат“, вели Карагер.