Селекторот на српската ракометна репрезентација, Ненад Перуничиќ пред дуелот со Хрватска на Европското првенство во ракомет во интервју за хрватскиот портал „Индекс“ зборуваше за разликата помеѓу хрватските и српските навивачи.
Дуелот во Грац од 20.30 часот нема резултатска важност – Хрватска веќе е пласирана во втората рунда со две победи, додека Србите по поразите од Црна Гора и Украина нема шанси за пласман.
„Најголемиот проблем е што ни откажуваат ракометари кои не сакаат да играат за Србија. Од 2006 година постојано ни се случува тоа и ракометот го загуби сјајот во Србија. Беше еден од најпопуларните спортови и се загубивме во барање на таленти, во луѓе кои мислат дека успехот сам ќе дојде. Денеска, сите одат на кошарка, одбојка и боречки спортови, но не и на ракомет“, вели Перуничиќ.
Иако во Австрија има голема српска дијаспора, таа не беше многу заинтересирана за ракометарите – на дуелот со Црна Гора имаше само стотина навивачи.
„Жал ми е што немаме поддршка од навивачите. Многу Срби живеат во Виена, но не дојдоа. Кога ќе видам со каква страст хрватските навивачи одат со својата репрезентација посакувам и кај нас да е така. Сите се со дресови и убаво е да се види тоа. Сакам да видам стотина српски знамиња, а не само 10. Се чувствуваме осамено, ракометарите чувствуваат дека немаат поддршка“, додава Перуничиќ.