Една година од трагичната смрт на аргентинскиот фудбалер Емилијано Сала неговото семејство се огласи со соопштение и побара од надлежните органи да ја завршат истрагата за неговата смрт.
Емилијано Сала загина на 21 јануари 2019 година кога авионот во кој леташе од Нант во Кардиф се урна во каналот Ла Манш. Неколку деа претходно Сала договори трансфер од Нант во Кардиф.
Неговото тело беше пронајдено неколку дена подоцна, додека телот на пилотот Дејвид Иботсон се уште не е пронајдено.
Истрагата за падот на авионот се уште нема епилог.
Во соопштението кое е објавено во вторникот со посредство на адвокатската канцеларија која го застапува семејството на Сала, се наведува дека најблиските ќе одржат помен во чест на Сала „приватно и тивко“.
„Главна желба на семејството е истрагата конечно да биде завршена, за да можат да ја дознаат вистината за она што се случило. Потоа ќе можат да ги преземат сите мерки повеќе ниту едно семејство да се најде во ваква ситуација“, се наведува во соопштението.
„Поради е важно пред сослушувањето кое е закажано за 16 март 2020 година сите истражни органи најдоцна до 14 февруари да ги добијат сите неопходни податоци (и веднаш да го известат семејството околу новите сознанија и заклучоците). Особено својата работа би требало да ја забрзаат цивилните авио-власти“.
Токсиколошките наоди објавени неколку дена по пронаоѓањето на телото покажале дека фудбалерот бил изложен на голема количина на јаглерод-моноксид, а исто така било потврдено дека ударот во главата не ја предизвикал смртта.