Седмиот носител на Австралија опен, Александар Зверев, по секоја победа на турнирот ќе донира по 10.000 австралиски долари за помош на настраданите од катастрофалните пожари во Австралија.
Германецот по победата над Марко Чекинато (6/4, 7/6, 6/3) ветил дека доколку го освои трофејот паричната награда ја донира во добротворни цели. Победникот во сингл на Австралија опен ќе заработи 4,12 милиони австралиски долари.
„Австралија е земја во која секоја година тенисерите престојуваат по еден месец. Слушнавме што за пожарите, за луѓето и настраданите животни. По секоја победа во Мелбурн ќе донирам по 10.000 долари. Знам дека не сум фаворит за трофејот. Меѓутоа доколку го освојам секој цент ќе го донирам за помош на настраданите во пожарите. Луѓето што знаат како да им помогнат на другите ќе ги искористат тие четири милиони на најдобар можен начин“, рекол Зверев.