Тренерот на Келн, Маркус Гиздол на шега вели дека неговиот тим ќе треба да „паркира три автобуси“ во пеналтикот за да го сопре новиот напаѓач на Борусија Дортмунд, Ерлинг Халанд кога двата тима ќе се сретнат во меч од Бундеслигата в петок.
19-годишниот Халанд, кој дојде од Ред бул Салцбург имаше неверојатен старт на кариерата во БВБ, со хет-трик во своето деби и тоа во моменти кога неговиот клуб губеше со 3:1, пред да стигне до 5:3 победа кај Аугзбург. Гиздол признава дека ќе биде тешко да се сопре човекот кој има 29 гола во 27 меча во Австрија.
„Уште имаме еден голем тимски автобус со кој пристигнуваме на мечевите. Можеби ќе го ставиме во шестнаесетникот, или ќе ставиме три автобуси еден до друг. Но, имаме добри фудбалери и ќе видиме што ќе се случи. Можеби ќе го сопреме, можеби не, но ќе биде грешка ако се фокусираме само на него, бидејќи тука се и Ројс, Геце, Азар, Санчо… Со него имаат само уште една димензија во играта“, вели Гиздол.