Манчестер Јунајтед е заинтересиран да го доведе на „Олд Трафорд“ хрватскиот фудбалски интернационаец, Иван Ракитиќ од Барселона, пишува американски „ЕСПН“.
Според информациите, менаџерот на „ѓаволите“, Оле Гунар Солскјер е очаен со засилувањата на екипата по повредите на Пол Погба и Скот МекТоминај, иако се очекува вистинската „купувачка“ на Јунајтед да започне летоска.
Хрватот Ракитиќ засега е план Б во Манчестер и би можел да го облече дресот на Јунајтед доколку пропадне трансферот со Португалецот, Бруно Фернандеш од Спортинг Лисабон. Фудбалерот кој за екипата каде настапува и нашиот фудбалски репрезентативец, Стефан Ристовски на 137 натпревари постигна 63 гола и има 52 асистенции е главна мета на „црвените ѓаволи“, но преговорите се уште не се финализирани.
Од друга страна, договорот на Ракитиќ со Барселона е до 2021 година, па Јунајтед би можел Хрватот да го добие за околу 20 милиони евра. Тоа е далеку поефтина варијанта за челниците на Јунајтед кои не сакаат да дадат 80 милиони за Фернандеш, колку што бара Спортинг.