Извршниот потпретседател на Манчестер јунајтед, Ед Вудворд вели дека клубот има план да има постојани квалитетни засилувања во преодните рокови, откако дел од навивачите на Јунајтед се незадоволни токму од тоа кои фудбалери беа донесени (за големи пари).
Вудворд им порача на навивачите на „ѓаволите“ дека Оле Гунар Солскјер ќе има повеќе пари за трошење во текот на летото, откако во текот на зимата го донесоа Бруно Фернандеш од Спортинг Лисабон и „итното“ засилување во нападот Одион Игало од Шангај шенхуа.
„Нашиот процес на засилување на тимот има основа во анализа и селекција на фудбалери во текот на цела сезона, со отварање на пазарот во текот на летото. Како дел од градењето на тимот, следното лето е важно за нас. Немаше малку инвестиции во фудбалери, со над 200 милиони фунти потрошени откако Оле стана менаџер. Нашата цел е да осигураме постојаност во квалитетот на фудбалерите“, изјави Вудворд на состанок со форумот на навивачи на Јунајтед.
„Ѓаволите“ се само осми во Премиер лигата со само 9 победи во текот на целата сезона, но Вудворд вели дека со Фернандеш сегашниот тим може да донесе позитивен крај на сезоната.
„Потписот на Бруно Фернандеш и враќањето на клучните фудбалери од повреда ќе бидат добредојдени во тимот. Остануваме во игра за титула во Лига Европа и ФА купот, како и за место во Лигата на шампионите, така што имаме уште многу за играње оваа сезона“, вели Вудворд.