Пеп Гвардиола тврди дека иако порано можеби бил сметан за најдобриот фудбалски тренер на светот, веќе не може да се пофали со таков епитет, посочувајќи дека не би освоил ништо со клуб со помал буџет од Манчестер сити.
Каталонецот освои осум лигашки титули со Барселона, Баерн Минхен и Манчестер сити и двапати го креваше трофејот од ЛШ со Барса, но сега вели дека само поради тоа што е тренер на богат клуб како Сити може да освојува титули.
„Бев најдобар. Барем така велеа. Што е тоа најдобар тренер на светот? Јас никогаш не чувствував дека сум најдобар, никогаш во животот. Кога освоив шест титули во низа со Барселона и тројни титули, не го чувствував тоа. Победував бидејќи имав неверојатни фудбалери во големи клубови. Јас сум добар тренер, но не најдобриот. Дадете ми тим кој не е како Манчестер сити, нема да победувам“, вели Гвардиола во интервју за „Скај спорт“.
Тој исто така зборуваше и за главните ривали оваа сезона, Ливерпул, кои им избегаа на табелата и се актуелни европски шампиони.
„Ливерпул потрошија четири-пет години за да стигнет до првиот трофеј. Тоа беше процес. Нови фудбалери, инвестиции и сега го имаат најдобриот тим на светот. Понекогаш луѓето мислат дека ако сте Пеп или Јирген, или друго големо име треба да ги освојуваш сите титули со 2.000 милиони поени и 2.000 милиони голови. Понекогаш тоа не е можно, дали поради конкуренцијата, дали поради други услови. Никогаш во ниту еден спорт нема тим кој освојува сѐ секоја година“, објаснува Пеп.