Серена Вилијамс нема да ја брани титулата во Мелбурн откако го откажа настапот на првиот Гренд слем во сезоната, Австралија опен.
Американката која пропушти речиси целата претходна сезона поради бременост, во септември стана мајка, а првиот меч по речиси една година го одигра на 30 декември 2017. На егзибицискиот турнир во Абу Даби таа загуби од Елена Остапенко.
Серена минатата година во раната фаза на бременоста го освои Австралија опен.
„Мојот тренер и целиот тим секогаш ми говореле да играм на турнирите само кога сум сигурна дека можам да стигнам до крајот. Можам да се натпреварувам, но не сакам само да учествувам, сакам многу повеќе од тоа, поради тоа ми е потребно уште малку време“, рекла Серена.
Гренд слемот во Мелбурн ќе започне на 15 јануари. Американката во кариерата седум пати победила на Австралија опен.