Тренерот на Валенсија, Марселино вели дека се чувствува како да е „вторпат роден“ откако имаше сериозна сообраќајна несреќа со неговата сопруга и мајка на 23 декември судирајќи се со дива свиња на автопат во северна Шпанија.
Марселино и патниците во автомобилот поминаа една вечер во болница откако нивниот автомобил излета од патот меѓу Логроњо и Билбао кога патуваа кон нивниот дом во Хихон по 1:0 поразот на Валенсија од Вилјареал.
„Физички се чувствувам подобро секој следен ден, имам малку болки во вратот, но не е толку лошо, а ментално сакам да го поминам овој тежок момент. Сега одам напред“, вели Марселино.
Тој се врати во Валенсија во средата, но лекарите му советуваа да не патува на мечот од Кралскиот куп против Лас Палмас на Канарските Острови. Тој ќе се врати на својата работа во саботниот домашен меч против Џирона.
Неговиот автомобил беше целосно уништен во судирот, додека дивата свиња од 90 килограми беше убиена.
„Тешко е да опишам што се случи, но толку беше едноставно. Бевме на автопат и одеднаш видов нешто пред мене, удривме и ништо друго не се сеќавам. За среќа живи сме, тројца луѓе беа родени повторно. Беше вознемирувачки, но за среќа автомобилот сопре и немавме посериозни повреди“, вели Марселино.
Валенсија се трети во Ла лига со 11 поени зад Барселона.