Тренерот на бугарскиот кошаркарски гигант Левски, Тити Папазов едвај ги задржа солзите при претставувањето на новиот спонзор на „сините“, руската нафтна компанија Лукоил.
Лукоил последните 17 години беше спонзор на тимот на Академик, така што Папазов беше пресреќен што ќе има силен поддржувач велејќи дека компанијата е „повеќе од златна рипка“.
„Никогаш не сум помислувал дека ќе дојде момент кога јас нема да можам да зборувам. Сакам да ви порачам дека и тоа се случува. Им благодарам на сите кои помогнаа, Левски да стигне до моментот во кој една од најголемите компании во Бугарија да биде дел од нашата иднина. Можеби звучи пристрасно, но Левски е најсаканото нешто во Бугарија“, изјави Папазов низ солзи.
50-годишниот поранешен бугарски селектор исто така ја откри својата најголема желба.
„Секој има свои мечти. Сите ја знаат приказната за златната рипка. Да ви кажам искрено, посакував да се запознаам со Владимир Путин. Но, да ја фатев златната рипка немаше да бидам толку храбар и да посакам Лукоил да биде партнер на Левски. Тоа што зависи од мене јас ќе го направам“, заврши Константин Папазов.