Селекторот на ракометната репрезентација на Црна Гора, Драган Ѓукиќ изјави дека во македонската јавност се прави атмосфера дека Црногорците се откажале од ракометарот на Вардар, Вуко Борозан, и дека уште се надева дека тој ќе настапи на ЕП во Хрватска.
„Немам нови информации околу повредата на Борозан. Можам да го повторам тоа што го кажав – секој е добредојден ако сака да игра за Црна Гора, но тој самиот треба да ја направи таа одлука. Нема притисок од наша страна, но веројатно тој трпи притисок од својот клуб и од целата македонска јавност. Се прави атмосфера дека однапред се откажуваме од неговиот настап на првенството. Желба е да не завршиме по три одиграни мечеви“, изјави Ѓукиќ по пријателскиот меч на Црна Гора со Хрватска во петокот, кој Хрватите го добија со 25:22.
Црна Гора е наш противник во групата Ц на ЕП во Хрватска, заедно со Германија и Словенија, и дуелот на 15 јануари може да биде одлучувачки кој ќе оди понатаму, бидејќи три репрезентации ги продолжуваат натпреварувањата.