Атлетико Мадрид успеа да се врати од гол негатива, за 3:1 триумф над Вилјареал на „Ванда метрополитано“ за враќање на третото место во Ла лига, иако со големи 10 поени заостанување зад градскиот ривал Реал Мадрид и 12 зад Барселона.
По импресивната 1:0 победа над Ливерпул во првиот меч од осминафиналето во Лигата на шампионите, работите не почнаа најдобро против „жолтата подморница“, откако Пако Алкасер во 16. минута го совлада Облак за водство на гостите.
Анхел Кореа успеа да израмни пред крајот на полувремето, а по враќањето на Жоао Феликс на теренот во второто полувреме, прво Коке во 64. минута донесе водство за „јорганџиите“, за Феликс десет минути подоцна да ја осигура победата со својот прв гол во Ла лига од септември.
За Вилјареал, ова е прекинување на низата од четири меча без пораз, и тие остануваат на седмото место со 38 поени, пет од место кое води во Лигата на шампионите.