Членот на Интернационалниот олимписки комитет (ИОЦ), Дик Паунд предупредува дека наскоро ќе мора да се донесе одлука за откажување на Олимписките игри во Токио ова лето доколку не се спречи ширењето на корона вирусот.
Олимпијадата стартува на 24 јули во јапонската престолнина, но се поставува прашањето дали над 11 илјади спортисти ќе бидат безбедни посебно откако во Кина има над 70 илјади потврдени случаи, а во самата Јапонија има четири смртни случаи од болеста. Паунд, најстариот член на ИОЦ, вели дека во следните три месеци мора да се донесе одлука.
„Ако мора, тогаш може да се откаже Олимпијадата на два месеци пред стартот, што би значело дека до мај мора да се знае дали вирусот е под контрола. Многу работи треба да почнат да се случуваат – да се средува обезбедувањето, храната, олимпиското село, хотелите… Ако нема смирување, тогаш најверојатно одиме кон откажување“, вели Паунд.
Модерните Олимпијади од 1896 година се прекинати само во текот на Првата и Втората светска војна, иако постоеја политички бојкоти во Монтреал (1976), Москва (1980) и Лос Анџелес (1984).