Џек Вилшир заедно со менаџерот Арсен Венгер вчера на прес-конференцијата во Белград одговараше на новинарски прашања во пресрет на дуелот во Лига Европа помеѓу Црвена звезда и Арсенал, а потоа ја искористи можноста да ја погледне и трофејната сала на најтрофејниот српски клуб.
Џек Вилшир, кој како тинејџер пристигна во Арсенал, но поради честите повреди никогаш не го покажа вистинскиот потенцијал, поради што минатата сезона како позајмен играч настапуваше за Борнмут, очекува да биде во стартната постава на дуелот што ќе се одигра на култната „Маракана“.
Арсенал вчеравечер не тренираше, само менаџерот Венгер излегол да го провери квалитетот на теренот, додека Вилшир го посетил музејот на Црвена звезда.
Поранешниот англиски репрезентативец се сликал крај најпосакуваниот трофеј во клупскиот фудбал. Трофејот наменет за освојувачот на Купот на европските шампиони или Лигата на шампиони, популарно наречен „Клемпавко“, белградска Црвена звезда со Илија Најдовски и Дарко Панчев го освои во 1991 година.
Арсенал во сезоната 2005/2006 година играше во финалето, во Лигата на шампионите, но не успеа да тримфира. Арсенал таа сезона загуби во финалето од Барселона (1:2).