Top Sport

ДАКАР 2018: Мото-шампионот Сандерленд во аут, Леб со прва победа

Одбраната на титулата на Дакар релито на Британецот Сем Сандерленд заврши во вторникот, откако возачот на КТМ излета во пустината Ика во Перу додека беше на лидерското место.

Организаторите на релито објавија дека британскиот мотоциклист, кој победи на две од првите три етапи, го повредил грбот при падот, по што бил евакуиран со хеликоптер во подвижниот центар на релито. Сандерленд имаше четири и пол минути предност во генерален пласман пред 330 километри долгата четврта етапа на дините во близина на пристаништето на Тихиот океан во Сан Хуан де Маркона.

Сандерленд лани стана првиот Британец со победа во генерален пласман на Дакар релито во било која категорија.

Со неговото откажување, Французинот Адријан ван Беверен во Јамаха е нов лидер на релито со 1:55 предност пред Чилаенецот Пабло Квинтаниља откако победи на етапата.

Во пласман на автомобили, деветкратниот ВРЦ шампион Себастиен Леб го победи својот колега од Пежо, Карлос Саинс во четвртата етапа, која се покажа како најтешка досега. И покрај тоа што призна дека тешко се снаоѓа на етапите на дините, Леб беше најбрз на 330-те мерени километри за своја 10. етапна победа на релито.

Леб водеше во поголемиот дел од етапата, накратко паѓајќи на второто место зад актуелниот шампион Стефан Петерхансел. На крајот тој имаше 1:35 предност пред Саинс, додека Петерхансел беше на 3 минути зад Леб на третото место.

13-кратниот шампион од Дакар релито, Петерхансел сега има 7 минути пред Леб и 13 пред Саинс во генерален пласман.

Сирил Деспре, четвртиот возач на Пежо, кој беше втор пред етапата, беше најзвучното име кое се откажа во текот на четвртата етапа. Петкратниот шампион во класата на мотоцикли ја оштети суспензијата на својот 3008ДКР модел по половина етапа. Катарецот Насер Ал-Атијах имаше малку повеќе среќа, откако имаше дефект и мораше да чека половина час за помош. Поранешниот шампион етапата ја заврши со 54 минути зад Леб, и сега заостанува речиси цел час зад Петерхансел.

Scroll to Top