Менаџерот на Евертон, Карло Анчелоти вели дека прекинувањето на Премиер лигата поради корона вирусот е исправна одлука, но стравува дека во Велика Британија не се сфаќа „сериозноста“ на ситуацијата.
Во Британија досега починаа 20-тина луѓе, додека во татковината на Анчелоти, Италија има над 1.500 мртви со над 20 илјади потврдени случаи.
„Не сме во вистинска самоизолација, но имаше делумни мерки за превенција откако еден фудбалер имаше треска, но сега е подобро. Премиер лигата на крајот сопре и беше време. Тоа беше вистинска одлука бидејќи не можевме да продолжиме, а здравјето е најважно. Теоретски се враќаме на работа на 22 март, но ако се влоши ситуацијата, како можеме да помислиме на такво нешто? Фудбалот во моментов не вреди ништо и дури ме нервира да зборувам за тоа. Италија беше приморана да сфати дека дојде време да престане да се биде површен и да се почитуваат советите и да се остане дома. Тука, го слушав британскиот премиер и ми се чини дека не ја сфаќаат сериозноста на ситуацијата. Животот продолжува релативно нормално“, вели Анчелоти во интервју за „Ла газета дело спорт“.