Себастиен Ожие по шести пат е победник на Мексиканското рели откако во неделата трката од Светскиот рели шампионат (ВРЦ) беше скратена поради ограничувањата за движење поради корона вирусот.
Одлуката да се прекрати релито по саботните етапи беше направена да се дозволи тимовите и официјалните лица да се вратат дома во Европа, откако САД воведе нови ограничувања за влез и излез, а поголем дел од авио-компаниите ги откажаа своите летови.
„Победа е победа, секако, но овојпат чувството е навистина посебно и не многу убаво. Во основа никој не сакаше да се трка и бевме убедени да продолжиме“, вели шесткратниот шампион Ожие.
Французинот водеше во релито од петокот наутро за своја прва победа како возач на јапонскиот тим Тојота. Второто место отиде кај Естонецот От Танак додека прв подиум во кариерата оствари Финецот Тему Сунинен со М-Спорт Форд.
Со победата, Ожие е лидер во генерален пласман со 62 поени, осум поени пред колегата од Тојота, Елфин Еванс и 20 пред Тјери Нојвил во Хјундаи.