Најдобриот играч и стрелец на црногорската репрезентација, Вуко Борозан, на 18 декември минатата година во сообраќајна несреќа се здоби со повреда на рамото и бутниот мускул поради што ќе го пропушти Европското првенство, беше информацијата што ја разочара јавноста во оваа земја, но денеска медиумите излегоа со информации дека вистината за повредата на најдобриот спортист на Црна Гора е поинаква.
Како што пишуваат црногорските медиуми, повикувајќи за на полицискиот билтен, Борозан паднал преку банкина кога излегувал од автомобилот.
„Дежурната служба на Одделението за безбедност Цетиње во ноќта меѓу 18 и 19 декември 2017 година во 1:55 часот доби известување од дежурниот лекар од единицата за Итна медицинска помош дека кај нив е примен В.Б. (24) од Цетиње со повреди во пределот на главата и дека по укажаната лекарска помош е упатен на хируршкото одделение во болницата ‘Данило Први’ во Цетиње.
Таму е испратен полициски службеник кој извршил разговор со В.Б. и неговиот татко П.Б. Тие му соопштиле дека В.Б. повредите ги добил кога на магистралниот патен правец Цетиње-Подгорица, во месноста Добрско Село, кога излегувал од возилото, кое го управувала неговата свршеница, се сопнал преку банкината и паднал“, стои во полицискиот билтен кој на увид го имала редакцијата на весникот „Вијести“.
Дежурниот доктор на хируршкото одделение во болницата кој го примил Борозан на полицаецот му кажал дека ракометарот има лесни телесни повреди и тоа го констатирал во службената белешка што ја составил полицаецот.