Капитенот на Вотфорд Трој Дини истакнал дека челниците на Премиер лигата мора да најдат праведно решение првенството да заврши. Дини потенцирал дека доколку сезоната биде поништена на Ливерпул ќе им биде нанесена голема направда.
Ливерпул со натпревар повеќе имаат 25 поени повеќе од Манчестер сити. Потребни им се уште шест бода за и математички да ја обезбедат првата титула откако е формирана Премиер лигата. „Црвените“ шампионски трофеј во лигата немаат веќе три децении.
Првенството е суспендирано, можно е да продолжи на 30 април. Доколку првенството не продолжи постои предлог да биде поништена целата сезона, што значи дека Ливерпул ќе останат без веќе освоената титула.
„Тоа за нив би бил голем удар. Мислам дека сите сакаат тие да го освојат трофејот. Оваа сезона беа неверојатни. Не знам како и кога, но оваа сезона мора да заврши за да бидеме праведни кон сите“, рекол Дини.
Инаку Вотфорд досега им го има нанесено единствениот пораз на Ливерпул во Премиер лигата. На 29 февруари Вотфорд победија со 3:0, а Дини го постигна третиот гол за својот тим.