Интернационалниот олимписки комитет (ИОЦ) тврди дека нема опција за откажување на Олимписките игри во Токио во 2020 година, но претседателот Томас Бах прифати дека ќе биде можно да се одложат поради пандемијата на корона вирусот.
„Од една страна има значително подобрување на ситуацијата во Јапонија, каде што луѓето со ентузијазам го пречекаа олимпискиот оган. Тоа ја засилува вербата во јапонските домаќини дека со одредени рестрикции можат да ги организираат Олимписките игри со грижа за здравјето на луѓето. Од друга страна, тука е драматичното зголемување на бројот на случаи во различни земји на различни кандидати. Но, засега е рано да се донесе конечна одлука за датумот на Олимписките игри“, вели Бах.
Ова доаѓа по состанокот на извршниот борд на ИОЦ по зголемениот притисок за одложување на игрите. Вчера, Американската атлетска федерација (УСТАФ) побара одложување на Олимпијадата по слично барање од Американската пливачка федерација, и олимписките комитети на Бразил, Норвешка и Словенија.