Менаџерот на Челси, Антонио Конте не ја отфрли можноста да биде сменет на крајот на сезоната и да замине од „Стемфорд бриџ“.
Шпекулациите велеа дека Челси веќе бараат потенцијална замена за човекот кој лани им ја донесе титулата, како сегашниот тренер на Јувентус, Масимилијано Алегри, кој интересно беше замена на Конте, кога тој си замина од Торино.
„Сè е можно. Имам уште една година од мојот договор со клубот, но во фудбалот, навистина сè е можно. Нашата работа е многу тешка поради тоа што работите се менуваат експресно. Клубот може да реши да ме прати на друго место“, вели 48-годишниот Конте.
Тој е 10-ти менаџер на Челси откако Роман Абрамович го купи клубот во 2003 година. И покрај тоа што ја освои Премиер лигата и стигна до финалето од ФА купот, постојат сомнежи за неговата „вклопеност“ со остатокот на лидерскиот тим на Челси. Тој вели дека е среќен на позицијата.
„Уживам во овој период од кариерата. Не е лесно, не е едноставно, но јас сум задоволен. Фудбалот сега е многу тежок, и посебно е тешко да се остане долго време во еден клуб. Посебно во Англија“, вели Конте.