Поранешниот фудбалер на Арсенал, Емануел Пети влезе во остар напад на неговиот сонародник Пол Погба, посочувајќи дека новото засилување на Манчестер јунајтед, Бруно Фернандеш стана лидер за неполн месец дена во клубот, улога која требаше да ја има Погба.
Фернандеш импресионираше по доаѓањето од Спортинг Лисабон во јануари, покажувајќи одлична игра, но и лидерски квалитети – тој имаше три гола и четири асистенции во девет меча пред да се паузира шампионатот. Погба од друга страна, поголем дел од сезоната е во аут со повреда и шпекулациите пак го поврзуваат со заминување од Манчестер, иако „ѓаволите“ платија 100 милиони евра да го вратат од Јувентус во 2016 година.
„Фернандеш веднаш имаше големо влијание на теренот. За два месеци тој покажа дека е најдобриот трансфер во зимскиот преоден рок и се однесуваше како да е повеќе години во клубот. За некој кој доаѓа во сред сезона да има такво влијание е неверојатно. Пол Погба требаше да го направи тоа одамна. Сега едвај чекам да ги видам заедно на теренот да видиме како ќе функционира тоа“, вели Французинот.