Австралиската „ЕСПН“ мрежа објави интересно интервју за еден од најдобрите австралиски напаѓачи на сите времиња, Марк Видука, човек кој досега ги игнорираше сите обиди за контакт од медиумите.
44-годишниот Видука живее во Загреб, каде што е сопственик на еден кафе-бар, и зборуваше зошто и покрај своето хрватско потекло не заигра за оваа репрезентација, туку остана „кенгур“ и покрај убедувањето на поранешниот хрватски претседател Фрањо Туѓман.
„Тој постојано ме убедуваше да играм за Хрватска. Како да му кажеш не на еден претседател? Морав пристојно да го одбивам. Кога првпат дојдов тука да играм за Кроација, сфатив дека не сум дел од тоа фудбалско семејство, дека сум Австралиец. Во Кроација (сегашен Динамо) ми пречеа многу работи. Хрватите се екстремни луѓе, со екстремни искачувања и падови, додека во Австралија не се возбудуваа премногу. Тешко ми беше да останам“, вели Видука.
Тој признава дека избегнува интервјуа и дека не е на социјалните мрежи.
„Не сум човек кому му е потребно да биде во центарот на вниманието и ми пречат интервјуата. Не сакам да бидам на Инстаграм, на Фејсбук“, вели Видука.
Видука во 1995 година пристигна во Хрватска да игра за Кроација, пред во 1998 година да се пресели во Селтик. Во 2000 тој заминува за Лидс јунајтед, каде што е до 2004, по што до 2007 играше за Мидлзборо, за кариерата да ја заврши во Њукасл во 2009 година.