Правниот советник на ФИФА Емилио Гарсија Силверо порачал дека преодниот рок нема да започне на 1.јули. Поради коронавирусот националните првенства не се играат, а дали и кога ќе продолжат се уште не се знае. Доколку продолжат тоа нема да биде пред 1 јуни што значи дека е невозможно преодниот рок да започне во предвидениот рок.
Во една ваква ситуација, голем проблем за клубовите претставуваат играчите кои се на позајмица или на 30 јуни ќе станат слободни играчи. Се шпекулираше дека нивните договори автоматски ќе бидат продолжени до моментот кога ќе заврши сезоната, меѓутоа Силверо рекол дека тој проблем не е решен.
„ФИФА не може да им ги продолжи договорите кои завршуваат на 30 јуни. Трансфер периодот нема да биде ист како порано и не знаеме како ќе функционира. Јасно е дека 1 јули нема да започне преодниот рок. Играчите на кои ќе им заврши позајмицата ќе треба да се вратат во клубовите, но тогаш преодниот рок нема да стапи во сила. Очекуваме дека тоа ќе се реши кога ќе дојде време за тоа“, рекол Силверо.