Поранешниот капитен Рој Кин, конечно, имаше добри зборови за некој актуелен фудбалер на Манчестер јунајтед, фалејќи го Бруно Фернандеш за неговата ароганција по пристигнувањето во клубот во јануари.
Фернандеш дојде на „Олд Трафорд“ од Спортинг Лисабон за 62 милиони фунти, и 25-годишниот Португалец не го следеше примерот на големите имиња кои се мачат во дресот на Јунајтед како Алексис Санчез, Анхел ди Марија и Радамел Фалкао. Кин, како ретко претходно, е импресиониран.
„Честопати зборуваме дека на фудбалерите им е потребно време да се адаптираат на клубот, но нему тоа не му беше потребно, нели? Изгледа дека има добар карактер и ужиува во предизвикот. Има мала ароганција која ми се допаѓа“, вели Кин за „Скај спортс“.
Фернандеш бргу стана миленик на навивачите на Јунајтед, откако прво долго време најавуваше трансфер пред да се реализира во јануари. Во девет настапи тој имаше 3 гола и 4 асистенции, предводејќи ги Јунајтед до славна победа кај градскиот ривал, Манчестер сити
„Тој донесе лидерство во клубот, но мислам дека го донесе на поинаков начин. Кога ќе се зборува за лидерство, луѓето мислат дека тоа е за дуели со фудбалери, но тој го направи тоа со својот квалитет“, додава Кин.
За Фернандеш ова можеби е најголемата пофалба, бидејќи Рој Кин ретко е импресиониран.