Бернардо Силва уште повеќе ги зголеми шпекулациите дека е блиску од заминување од Манчестер сити, велејќи дека има „огромна желба“ да се врати во Бенфика бидејќи не доби шанса да влезе во првиот тим додека беше во својата татковина.
Португалецот влезе во младинскиот систем на Бенфика на седум години и преку младинската академија стигна до првиот тим на 19 години, но имаше само три настапи во 2013/14, во кои играше само по 15-тина минути, пред да биде позајмен на Монако. Сити го „грабна“ Силва во 2017 година, по што стана еден од столбовите на тимот на Пеп Гвардиола, но сега признава дека има желба во својата кариера да игра за „својот“ клуб.
„Не знам како да ви одговорам за враќањето во Бенфика. Можам да ви кажам дека нема да биде во следните две, три или четири години, бидејќи сум во одличен клуб и уживам во кариерата, но не сакам да се вратам кога ќе сум престар, бидејќи сакам да му помогнам на клубот. Јас сум навивач на Бенфика, одев на сите натпревари со мојот татко така што сонот секогаш ми беше да играм за првиот тим. Беше разочарувачки кога заминав, но бидејќи не добив вистинска шанса, имам дупка во срцето која еден ден морам да ја пополнам. Не сега, но ако ме сакаат подоцна секако“, вели 25-годишниот Силва.