Најславната велосипедска трка на светот, Тур де Франс ќе биде последната „жртва“ на корона вирусот, откако по одлуката на францускиот претседател Емануел Макрон да се забранат сите јавни собири до средината на јули, трката најверојатно ќе биде преместена на крајот на август.
Организаторите досега не размислуваа за одложување на тринеделната трка која требаше да стартува на 27 јуни, со што сега немаат друга опција освен да ја одложат или да ја откажат трката.
„Бидејќи е невозможно ТдФ да стартува на планираниот датум, се консултираме со Интернационалната велосипедска унија (УЦИ) за нов датум“, објавија организаторите.
Според францускиот весник „Ле дофин либере“, Тур де Франс има нов датум од 29 август до 20 септември, додека шпанска „Марка“ тврди дека ТдФ ќе се оддржи од 2 август до 25 август, за потоа во септември да се оддржи Вуелта Еспања, а Џиро Д’Италија на распоредот да дојде во октомври. Директорот на Џирото, Мауро Вењи пак, изјави дека нема шанси било која од тринеделните трки да биде скратена на две недели.
Доколку не се најде нов датум, Тур де Франс ќе биде откажан првпат од 1946 година.