Техничкиот директор Паоло Малдини би сакал да остане во Милан, но бара да се исполнеети одредени услови од клубот, тврди „Ла газета дело спорт“.
Легендата на клубот беше именуван за директор за развој во август 2018, по што во јуни 2019 беше поставен за технички директор заедно со поранешниот спортски директор Звонимир Бобан. Хрватот беше отпуштен откако ги обвини првите луѓе на клубот дека му работат зад грб, по што се очекуваше и Малдини да си замине.
На Бобан му пречеше што директорот на клубот, Иван Газидис контактирал со германскиот тренер Ралф Рангник за да му даде целосна контрола на клубот, и сега „Газета“ тврди дека Малдини би сакал да остане, но само доколку има улога со која може да прави одлуки за трансферите на клубот.
Малдини, кој неодамна се опорави од корона вирусот, засега се подготвува да продолжи со работа по крајот на карантинот во Италија, но неговата иднина останува неизвесна.