На репрезентацијата на Србија и недостасуваше само еден гол да обезбеди пласман во втората рунда на ЕП во Хрватска, откако го совладаа Исланд со 29:26, така што вечерва ќе мораат да навиваат за Шведска во мечот со Хрватска.
Најдобриот српски ракометар, Петар Ненадиќ имаше акција во последните секунди од мечот со кој можеше да се дојде до посакуваната разлика, меѓутоа голманот Густавсон го одбрани неговиот удар.
На тимот на Јовица Цветковиќ им беше потребна победа од четири голови разлика, бидејќи така директно ќе го елиминираа Исланд од шампионатот. Доколку се случи три репрезентации да имаат по една победа и два порази (Исланд, Шведска и Србија), тогаш гол-разликата одлучува за пласманот.
По разочарувачките два порази од Хрватска и Шведска, Србија покажа подобра игра во третиот меч во Сплит, играјќи гол за гол во првото полувреме од мечот, а веднаш по стартот на второто полувреме, Исланѓаните направија разлика од +3 гола. Сепак, во финишот на мечот „Орловите“ играа многу подобро и успеаја да направат целосен пресврт за победа, која на крајот може да се покаже како недоволна.
Во вториот меч од 18.15, Франција рутински со 32:25 ја совлада репрезентацијата на Белорусија, за со три убедливи победи во три меча да се пласираат во втората рунда како еден од фаворитите за злато.
Белорусија пак, сега ќе мора да го чека исходот на вториот натпревар од групата Б, во кој се среќаваат Австрија и Норвешка. Белорусите имаат неколку опции да се пласираат во втората рунда – наједноставната е Норвешка да ја победи Австрија. На Австријците пак, им е потребна неверојатна победа од над 9 гола над Норвежаните.