Ракометната федерација на Македонија (РФМ) донесе препорака за прекинување на ракометниот шампионат на Македонија, без да се додели титулата и во првенството и во Купот на Македонија.
„Земајќи ја во предвид прогласената вонредна состојба во државата како и продолжувањето на истата заклучно со 15.05.2020 година, дополнително и самиот факт дека поголемиот број договори на ракометарите/ките со клубовите имаат валидност заклучно до 31.05.2020 година како и насоките од Европската Ракометна Федерација за завршување на националниот систем на натпревари до 31.05.2020 година, се наметнува заклучокот дека моменталната состојба не дозволува и не постојат реални услови за регуларно завршување на домашното првенството.
За сезоната 2019/2020 година ќе биде доставен предлог до УО на РФМ да нема прогласување на победник во националниот систем на натпревари во сите конкуренции и категории, истиот предлог ќе биде доставен и за Куп на Македонија 2020 година.
Местата во Европските клубски натпреварувања во ЕХФ и местата во регионалната Сеха Лига ќе бидат распределени согласно критериуми од страна на УО на РФМ“, се вели во соопштението на РФМ.
Покрај ова, РФМ донесе одлука и за следната сезона 2020/21, во која Суперлигата ќе има 16 клубови, откако ќе влезат четири најдобри клубови од двете први лиги оваа сезона. Покрај тоа, 16-те тима ќе бидат поделени во две групи, од кои четирите најдобропласирани ќе играат плејоф, а четирите најслабопласирани ќе играат за опстанок во лигата.
Линк до соопштението на РФМ.