Словенечката ракометна репрезентација, сепак, ќе остане на Европското првенство во Хрватска и вечерва во 20.30 часот ќе го игра дуелот со Црна Гора, потврди претседателот на националната федерација, Фрањо Бобинац.
Ова доаѓа по одлуката на Европската ракометна федерација (ЕХФ) да ја отфрли и втората жалба на словенечкиот тим за прекршувањето на правилата во понеделничкиот меч меѓу Словенија и Германија.
„На состанокот, едногласно беше одлучено Словенија да остане на натпреварувањето. Судењето беше на наша штета, така што не чуди што ни ги отфрлија жалбите. Сега ќе одиме до судот за арбитража на ЕХФ, а ако е потребно ќе одиме и до Судот за арбитража во спортот (ЦАС) во Лозана“, објави Бобинац.