Манчестер јунајтед потврдија дека од следната сезона ќе бидат достапни и билети за стоење на „Олд Трафорд“, откако добија дозвола од градот за воведување на безбедносниот систем за стоење со „шина“.
Целта е делот на североисточниот квадрант на стадионот да има 1.500 места за стоење, откако вроди со плод кампањата на навивачите за враќање на местата за стоење, кои во англискиот фудбал се забранети од 1994 година по трагедијата на „Хилсборо“.
„Можеби е чудно во овие моменти да се зборува за плановите на стадионот, но фудбалот и нашите фанови ќе се вратат кога ќе биде безбедно и мораме да мислиме за нив. Го слушнавме гласот на навивачите со овој предлог. Ако тестот биде успешен, ќе се постават и други оддели на стадионот со ист систем“, изјави генералниот менаџер на тимот, Ричард Арнолд.
Вулверхемптон беа првиот премиерлигаш кој го тестираше овој систем во јануари 2019 година, а Тотенхем одреди простор од 7.500 места на својот нов стадион кои можат да се трансформираат во овој систем со шина.