Top Sport

Клубовите од Серија А гласаа за продолжување на сезоната

И покрај заканите на одредени клубови како Бреша и Торино за прекин на сезоната 2019/20, денеска се стигна до консензус за продолжување на Серија А. Сите 20 клубови гласале за овој предлог.

Претседателот на Бреша, Масимо Челино, јавно се закани дека неговиот клуб нема да ја продолжи сезоната, но сега се дојде до договор помеѓу тимовите и Италијанската фудбалска федерација (ФИГЦ) по видео-состанокот во петокот. Сепак, продолжувањето на сезоната зависи од дозволата која треба да ја добијат од италијанската влада.

„Секако, сите сакаме да играме фудбал, и би било спротивно на нашата природа да кажуваме нешто поинаку. Тие чија професија е ова сакаат да продолжат, секако со почитување на здравствените правила и протоколи. Ќе го послушаме советот на владата, како и досега и тие ја имаат нашата целосна поддршка“, изјави претседателот на Серија А, Паоло ди Пино.

Италијанскиот премиер Џузепе Конте претходно објави дека професионалните спортски тимови можат да продолжат со тренинзи на 18 мај. Сега, пред клубовите е уште еден клучен момент, неделниот состанок на ФИГЦ со техничкиот комитет на владата за објаснување на медицинската процедура и протокол кој е потребен за да се врати фудбалот, откако претходните предлози на владата беа одбиени.

Обидот да се рестартира Серија А доаѓа откако лигите во Холандија и Франција беа откажани поради корона вирусот, додека за надежите за повторен почеток во Англија и Германија зависат од многу фактори.

Scroll to Top