Ѕвездата на Јувентус Кристијано Роналдо има „долгогодишен план“ да го помине рекордот на Пеле по бројот на постигнати голови и да стане „најдобриот на сите времиња“, вели неговиот поранешен соиграч од Манчестер јунајтед, Гери Невил.
Во својата 18-годишна кариера Роналдо освои три титули од Премиер лигата, две од Ла лига, едно скудето и пет трофеи од Лигата на шампионите со Јунајтед, Јувентус и Реал Мадрид и освои пет „златни топки“.
Невил вели дека бил воодушевен од работната етика на Португалецот додека бил на „Олд Трафорд“ и смета дека тој ќе игра додека не го помине рекордот на Пеле од 1.281 постигнат гол. Роналдо има далеку помалку, „само“ 743 гола.
„Тој сака да стане најдобриот на светот и има неверојатна желба да го оствари тоа. Тој беше еден од ретките фудбалери со кои сум играл кој јавно зборуваше дека индивидуалните трофеи и достигнувања му се важни. Сакаше да биде најдобриот и тоа што го оствари во текот на годините беше неверојатно. Се работи за опсесија за постигнување голови секој ден и подобрување со секој нареден натпревар. Мислам дека има план да го помине рекордот на Пеле и сака да стане најдобриот на светот“, вели Невил.