Мајк Тајсон тврди дека од својата 12-та година трипати дневно бил хипнотизиран, нешто што го претворило во „бесно животно“.
Неговиот легендарен поранешен тренер Кас Д’Амото инсистирал Тајсон да побара помош од хипнотизерот Џон Халпин за да може да го контролира умот, и „Челичниот“ добивал ваква терапија во својата аматерска кариера, во која освои две олимписки злата, пред во 1986 година на 20 години да стане најмладиот шампион во тешка категорија.
Зборувајќи со популарниот Џо Роган, Тајсон ја открива „тајната“.
„Кас ме тераше да одам на професионален хипнотизер два или трипати дневно, пред спарингот, пред тренинзите и пред мечевите. Потоа, мојата цел беше да уништам“, вели Тајсон.
Тој додава дека дури и спаринзите биле брутални и додава дека бил учен дека не треба да има сочувство во рингот, туку да се фокусира на „дивјаштвото“.
„Кас не сакаше да бидам чувствителен. Тој сакаше да нема емоции и велеше дека чувствата се ништо. Чувствата немаат никаква врска во твојот живот и тоа што го чувствуваш само може да ти пречи. Се опушташ, одиш надолу, се фокусираш на црнилото и празнината. Имав 12 години кога го почнаа тоа. Тогаш се фокусираш на дивјаштвото и си бесно животно“, додава Тајсон во уште едно зачудувачко интервју.
Тајсон ја загуби титулата од Џејмс „Бастер“ Даглас во 1990 година, по што помина три години во затвор бидејќи беше осуден за силување во 1992 година. Потоа, тој ја освои ВБЦ и ВБА титулата во 1996 година, но истата година ги загуби од Ивандер Холифилд во славниот меч во кој му одгриза дел од увото. Тој се пензионираше во 2005 година по поразот од Кевин Мекбрајд со 50-6 скор.