Боксерската легенда Мајк Тајсон вели дека е „повторно подготвен за војна“ продолжувајќи ги тренинзите за потенцијален камбек во боксерскиот ринг на 53 години.
Иако неговиот последен меч беше пред 15 години, „Челичниот“ почна со напорни тренинзи за враќање на „неколку егзибициски мечеви во добротворни цели“, како што самиот кажа. Тајсон, кој уште е рекордер како најмлад шампион во тешка категорија на 20 години, работи со ММА тренерот Рафаел Кордеиро и видеото кое го прикажа од неговиот спаринг, покажа дека уште има импресивна брзина.
„Тоа е сè што правам, се враќам во форма. Сега се чувствувам несопирлив. Исто како претходно. Боговите на војната го загреаја моето его и сега сакам повторно да одам во војна. Замислете да можам да излезам таму и со тоа што го правам да помогнам на луѓето“, вели Тајсон.
Американецот беше поврзуван со мечеви со рагбистот Сони Бил Вилијамс, боксерот Дени Вилијамс, но и неговиот стар ривал, Ивандер Холифилд, кој исто така најави камбек на 57-годишна возраст. Тајсон двапати загуби од Холифилд во својата кариера, а во вториот меч му одгриза дел од увото.