Надежите на Барселона дека ќе успее да се засили со напаѓачот на Интер, Лаутаро Мартинез може да бидат уништени од намерата на претседателот на шпанската Ла лига, Хавиер Тебас следната сезона да воспостави стриктна финансиска контрола.
Тебас им порача на клубовите дека нема да можат да трошат повеќе од што имаат и ги предупреди дека ќе мораат да воведат намалувања на платите поради финансиските последици од пандемијата на корона вирусот.
„Видовме колку пари се слеваат во сите клубови и сега во моментов сите имаат состави кои ги надминуваат финансиските лимити кои ќе ги поставиме за следната сезона. Мора да има последици. Клубовите треба да се фокусираат на своите академии и да пронајдат начин да ги намалат платите. Трансферите кои ќе ги надминуваат овие финансиски граници нема да бидат дозволени“, изјави Тебас.
Од 2013 година, Ла лига има поставено граница за трошењето на клубовите, која за секој тим зависи од неколку фактори, како очекуваниот приход и просечните приливи на пари од трансферите во последните три години.
Лимитот на Барса за 2019/20 беше 671 милиони евра, сума која исто така ги вклучува и платите на фудбалерите и тренерите, академиите, додека Реал Мадрид имаа сума од 641 милиони евра. Меѓутоа, таа сума беше поставена според очекуваниот приход на Барса (од над 1 милијарда евра), кој сигурно нема да се достигне поради паузираната сезона. Според „ЕСПН“, Барса ќе мора да намали барем 200 милиони евра од буџетот за следната сезона.