Јелена Ѓоковиќ открила дека најдобриот тенисер во светот Новак Ѓоковиќ на семејството му соопштил дека става крај на кариерата. Ова се случило пред две години по тешкиот пораз од Беноа Пер во второто коло на Мастерсот во Мајами.
Ѓоковиќ во 2018 година се врати по операцијата на лакотот. На Австралија опен испадна во четвртото коло меѓутоа губеше во првите мечеви на мастерс турнирите во Индијан Велс и Мајами.
„Ми кажа дека го напушта тенисот. Доживеа тежок пораз во Мајами. Не собра и ни порача дека завршил со тенисот. Дури му кажа на Едоард Аталди да разговара со спонзорите, за да биде јасна ситуацијата бидејќи не знае дали ќе прави пауза од шест месеци или година или засекогаш ќе замине од тенисот“, рекла Јелена Ѓоковиќ во разговор со Греем Бесинџер.
„Сите плачевме, му кажавме дека не е време за такво нешто“.
Наредните десет дена семејството Ѓоковиќ го минало на одмор.
„Кога Новак ќе реши дека не сака да игра тенис тоа значи дека не сака ниту да гледа, не сака да има врска со тоа. А јас сакам да играм. Ги зедов децата да играат со мене. Третиот или четвртиот ден дојде на теренот. Стефан и јас се забавувавме. Не беше како на неговите тренинзи. Виде дека уживаме и не праша дали може и тој да добие рекет. Му кажав дека не може бидејќи завршил со тенисот. Се шегував со него. Тогаш Стефан го викна и тој свати дека добро се чувствува на теренот. Игравме малку, а потоа започна да доаѓа секој ден“, раскажува сопругата на Ѓоковиќ.
„Последниот ден беше целосно подготвен ми кажа: ‘Ќе го повикам Марјан, ќе го прашам да се врати повторно да ми биде тренер. Тие десет дена тој беше пензиониран, чувствуваше дека повеќе нема да игра тенис. Тоа беше годината по операцијата, немаше трпение, а немаше ниту резултати. Брзаше да се врати, а се повеќе паѓаше. Тој е како Феникс кој наоѓа мотивација.“
Ѓоковиќ до крајот на 2018 година ги освои Вимблдон и Ју-Ес опен, а победи и на мастерс турнирите во Синсинати и Шангај.